Миркуловски: Ако го запреме Шмид, ќе се радуваме против Швајцарија

Машката репрезентација на Македонија ја очекува последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Средниот бек и асистент тренер Филип Миркуловски посакува победа и за првпат десет бода во некои квалификации за ЕП.

„Ние сме тука 23 ракометари што е доволно да одиграме два квалитетни меча. Со Финска малку се мачевме, но се случува да промашиме неколку зицери и пенали, имаше нивниот голман добар ден, најважно е што победимве со пет разлика во лоша игра. В недела не чека Швајцарија, за нив е меч да се биде или не, а ние ќе бараме уште два бода, за првпат да имаме десет бода во квалификации за ЕП. Тие ќе дадат се од себе сигурно за да победат и да се пласираат, но ние сме доволно подготвени и искусни да ги победиме“, вели Миркуловски.

Одлично издание против Македонија имаше финскиот голман во средата, но нашата селекција и покрај тоа успеа да победи.

„Никој не очекува да промаши на некој натпревар шест пенали и да промаши десет зицери. Тоа беше фрустрирачки, но добро се снајдовме во вториот дел, не не фати паника. Одигравме добра одбрана во финишот, таа е за нас број еден, и таа не „извади“ да имаме подобра реализација во нападот“, продожува средниот бек.

Тој добро ги познава швајцарските репрезентативци, бидејќи голем дел од нив играат во Бундес лигата.

„Швајцарците се многу добри во нападот, се фокусирани на нападот, би ги победиле само со добра одбрана. Го знаеме добро Енди Шмид, Рубин исто така игра во Вецлар со мене. Ако ги спречиме нив двајца, ќе се радуваме во недела“, заврши Миркуловски.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија се игра на 2 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.