Металург фати залет со Спачва, може полека да се подготвува за следната рунда

Металург ја победи Спачва Винковци со 35-28 во првиот дуел од првото квалификациско коло во Лигата на Европа, а гостите од Хрватска можеа да си заминат со уште поубедлив пораз да не беше падот на домашните во финишот.

Тимот од Автокоманда полека ја градеше предноста во мечот, до полувремето стигна до плус пет, а имаше највисоки плус девет, 31-22 на десетина минути до крајот на натпреварот.

Сепак тренерот Зоран Кастратовиќ може да биде задоволен од изданието на неговите избраници, кои ги чека реваншот во Винковци следниот викенд и кои можат полека да се подготвуваат за ривалите во второто коло.

Македонскиот тим би требало да ја има улогата на носител пред ждрепката што би било олеснителна околност.

Вториот македонски претставник во ова натпреварување, Бутел Скопје беше елиминиран од унгарскиот Ѓенѓеш со пораз од 34-21 и победа со 25-24, додека третиот наш тим, Еурофарм Пелистер ќе ги стартува натпреварите во групната фаза во октомври.