Металург подготвен да продава билети – Со Криенс ќе има публика во „Јане Сандански“

Ракометарите на Металург следниот вторник ќе бидат активни и ќе се најдат на терен, но место во „Автокоманда“ својот натпревар од 2. коло од Лигата на Европа ќе го одиграат во СЦ „Јане Сандански“.

Металург ќе биде домаќин во вторник на 22 септември од 20:45 часот кога ќе треба да се покаже најдоброто на теренот. Тоа ќе биде момент во кој ќе треба да се одговори на задачите за да се обезбеди добар резултат против Криенс од Швајцарија.

Инаку, со добивањето на дозвола да има публика во салите и капацитетот во „Јане Сандански“ јасно е дека ќе може да има и навивачи на трибините односно ќе може да присуствуваат до максимум 1.000 фанови.

Правилата се исти како и за Вардар во Лигата на шампионите.

Ова е добра вест и за Еурофарм Пелистер, тим кој ќе игра директно во групната фаза во Лигата на Европа. Со оглед на фактот дека составот на Еурофарм Пелистер дури после средината на октомври добива можност за официјални средби, а дотогаш е можно уште поголемо олабавување на мерките, па можеби и зголемување на бројот на навивачи на трибините.