Владата ги олабави мерките – Публиката се враќа во салите во ограничен број

На денешниот состанок на Владата дојде до олабавување на мерките така што публиката ќе почне полека да се враќа на трибините, па може да се очекува веќе на следните натпревари да има навивачи во салите.

Во прво време тоа ќе биде во ограничен број односно нема да има полн капацитет. Како што стои во соопштението на почеток трибините ќе бидат исполнети до 30 проценти од капацитетот, а максимум ќе има до 1.000 гледачи. Ќе мора да се почитуваат и одредени мерки, но најважно е дека истите се олабавуваат.

Делот од соопштението кој се однесува за спортските настани можете да го прочитате во продолжение.

„Владата денеска ги разгледа и прифати општите препораки за организирање на настани кои беа предложени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и тоа: задолжително носењето на лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, одржување на физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5-2 метри и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.

Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метри се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители. Задолжителна дезинфекција на раце на влез  на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот  или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини.

При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена, Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки:  на влезот и во просторот каде се одржува настанот.

Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување на растојание односно место за чекање од 1,5   до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера.

Врз основа на горенаведените општи препораки секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот“, стои во соопштението на Владата.