Металург на француска турнеја – ќе се тестира со Ним, Кретеј, Данкерк…

Ракометарите на Металург, барем оние кои немаат репрезентативни активности, вчера го одржаа последниот тренинг во 2019 година. Следува зимската пауза за тимот од Автокоманда, која ќе трае до 8 јануари, за кога тренерот Зоран Кастратовиќ го закажа новиот собир.

Металурзи во Скопје ќе останат само два дена, со оглед што на 10 јануари заминуваат за Франција, каде што ќе бидат до 19 јануари. Најпрво ќе бидат одиграни две пријателски средби со Ним на 11 јануари и со Кретеј на 14 јануари во Клермон Феран.

Потоа следува настапот на турнирот во Монлисон, каде што нашиот тим ќе игра против Спортинг Лисабон, Саран и Данкерк. По овој турнир металурзите се враќаат во Скопје, каде што ќе тренираат до крајот на месец февруари до почетокот на натпреварите од Суперлигата.