Металург и Еурофарм Пелистер заедно во Маврово – ама на „дистанца“

Тимот од Битола пред пристигнувањето имаше направено тестирање на сите ракометари, и сите беа негативни. Металург нема направено тестирање, па затоа играчите добиле препораки за „социјална дистанца“.

Ракометарите на Металург и Еурофарм Пелистер нема да пијат кафе заедно и ќе бидат сведени на минимум контактите додека се во Маврово на подготовки. Држењето социјална дистанца и вршење на работата што е зададена, без многу дружење со луѓе кои не се од вообичаениот круг ќе биде вообичаената во следните десет дена за двете екипи.

Битолчани ги почнаа подготовките и веќе вториот ден направија тестирање за Ковид-19 по што пристигнаа во Маврово. Од направените тестирања резултатите се дека ниту еден член на тимот не е позитивен. Со цел да може да продолжат безбедно со подготовките тие ќе останат во делумен карантин. Двете македонски екипи се во Маврово, во два различни хотели на растојание од неколку стотина метри.

Но, заеднички ќе ги користат салата и теретаната. Со цел да се придржуваат до протоколите, пред и после користење на истите ќе има дезинфицирање на салата и теретаната. Сега ќе има две екипи и околу 60-тина лица кои секојдневно ќе треба да користат и делат исти простории.

За разлика од битолчани, тимот од Автокоманда не направи тестирања на играчите. Тие според информациите што ги споделија со медиумите пред секој тренинг во Скопје мереле температура на секој играч и доколку истата е покачена се спроведува повторно тестирање. Но, тимот нема пријавено позитивен случај.

Двата тима летово се засилија со неколку интернационални и со познати имиња. Во двата тима дојдоа по еден познат репрезентативец на Хрватска. Металург го донесе крилото Златко Хорват, а Еурофарм Пелистер потпиша со Стипе Мандалиниќ. Битолчани се подготвуваат за играње во СЕХА лигата и во групната фаза од Лига на Европа, додека Металург ќе игра во квалифкациите за ЛЕ и во домашното првенство на Македонија.

И двете екипи треба да се појават на турнирот во Струга, од 12 до 16 август.