Металург и Вардар на нов тест

Вардар и Металург ги стартуваа подготовките за пролетниот дел од сезоната. Досега беше пракса двете екипи да одиграат тест натпревар пред стартот на официјалните средби, а така ќе биде и сега.

На екипата на Металург и се приклучи пикерот Милан Лазаревски кој не отпатува во Египет на СП, додека Канкараш, Тарабокија и Додиќ ќе се приклучат на 20 јануари. Надвор од подготовките ќе останат Златко Хорват и Мартин Серафимов, кои со Хрватска и со Македонија се дел од СП.

Во склопот на подготовките Металург закажа и четири пријателски средби, преку кои ќе се бруси формата потребна за продолжението на сезоната и предизвиците што ги очекуваат на трите фронта – првенството и Купот на Македонија и Лигата на Европа.

Првата официјална обврска на Металург за втората полусезона е на 9 февруари, кога дома ќе ја пречека екипата на Тулуз. Покрај оваа, во февруари тимот од Автокоманда го очекуваат уште две средби од групната фаза на Лига Европа, со екипите на Висла Плоцк и на Фиверс.

Пријателската средба со Вардар е закажана на 23 јануари, ќе има уште две со косовскиот првак Беса на 25 и 26, додека договорен е тест натпревар и против екипата на Тиквеш на 29 јануари.