Тимот на Металург загуби и на вториот натпревар во Плоцк од полскиот вицепрвак Висла, овојпат со 35-20 во рамките на Лигата на Европа.
По седум минути беше 6-1 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме во продолжение. Сепак металурзи не беа лоши во следниот период и успеаја колку толку да му парираат на расположениот ривал.
Ѓорѓески имаше неколку одбрани во серија, па Металург намали на 8-6. Сепак следуваа две грешки, лесни голови на Висла Плоцк и повторно беше минус четири, 10-6. До крајот на полувремето домашните стигнаа до плус шест, 16-10.
Во вториот дел тренерот Сабате им даде шанса на ракометарите на клупата, па иако Висла остана без дефанзивецот Терзиќ кој доби црвен картон по три исклучувања, сепак немаше проблеми да го зголемува водството до конечни 35-20.
Следен предизвик за Металург ќе биде дуелот со рускиот првак Чеховски Медведи, што ќе се игра на 20 февруари во 18:00 часот.