Менаџерите се навртеа околу Вардар – Белорусинот Артем Кулак во игра за среден бек

Се уште актуелниот европски шампион Вардар од 1 јуни ќе се врати кај стариот сопственик Михајло Михајловски. Веќе е разговорано со играчите на кои им истекуваат договорите во јуни, а дел од нив веќе се согласиле на продолжување на соработката.

Во последните неколку дена многу ракометари му се понудени на Вардар, а еден од нив е организаторот на играта на Мешков Брест, Артем Кулак. Белорускиот репрезентативец оваа сезона имаше конфликт со тренерот Раул Алонсо и на голем дел од натпреварите не беше во ростерот на екипата, ниту во Лигата на шампионите, ниту во СЕХА лигата, а одреден период и тренираше со вториот тим

Станува збор за одличен 24-годишен плејмејкер, кој игра во двата правци и сигурно би можел да игра важна улога во тимот на Стевче Алушовски. Сепак најпрво се очекува исходот од евентуалниот камбек на Игор Карачиќ, па дури потоа ќе се разгледува опцијата за ангажман на Кулак.

Кулак има одиграно пет сезони за белорускиот тим во Лигата на шампионите, а оваа сезона во која немаше минутажа даде само осум гола, додека во СЕХА играше на пет меча и даде 13 погодоци.

Доаѓањето на Сташ Скубе од Вардар, е јасен сигнал за Кулак да си бара нова средина, со оглед на тоа што Алонсо не смета на неговите услуги.

Покрај Белорусинот, на „црвено-црниот“ тим му се понудени уште низа ракометари што играле или играат во Лигата на шампионите, па нема да биде проблем да се формира конкурентен тим за претстојната сезона.