Матлиески: Искуството е наша предност, плеј-офот ни е главната цел во моментов

Екипата на Пролет во новата сезона ќе влезе со истите амбиции со кои настапуваше и во минатата, па јасно е дека ракометарите на овој тим ќе имаат сериозна задача во битката за плеј-офот. Во групата во која се најдоа ќе имаат ривали против кои би требало да немаат поголем проблем за да стигнат до место во разигрувањето за титулата напролет.

Тренерот Никола Матлиески е задоволен, но вели дека ништо нема да препуштат на случајот и дека и сезонава ќе одат чекор по чекор. Има добар тим во кој има две засилувања така што е јасно дека ќе имаат конкурентен состав.

„Имаме добра група. Сметам дека со нашето искуство и со тимот кој го имаме не би требало да имаме проблеми за да се пласираме во плеј-офот. Нема да биде воопшто лесно и ќе мораме да одработиме сериозно на секој дуел, но јасно е дека уште отсега нашето внимание ќе биде насочено кон првото гостување во Кисела вода. Посакуваме старт со победа и сите мисли ги насочуваме кон тој дуел. Ќе одиме чекор по чекор. Уште отсега размислуваме за Јуниор Кисела вода, па потоа следуваат другите средби од оваа фаза. Напролет ќе можеме да мислиме повеќе за плеј-офот“, коментираше Матлиески за 24 Ракомет.

Во групата главен конкурент на Пролет 62 за првото место ќе биде составот на Охрид. Сепак, тука ќе има многу борба за плеј-офот, а во групата се најдоа екипите на Струга, Јуниор Кисела вода, Астраион, КЛ 7 и Радовиш.