Маркоски: Се надевам следниот пат некој помлад ќе ја добие наградата, ќе се бори повеќе

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Поранешниот македонски репрезентативец во редовите на Металург, Велко Маркоски, е најдобар дефанзивец на полусезоната.

Маркоски беше столбот на одбраната на Металург во есенскиот дел од сезоната. Левиот бек не беше во составот во сите суперлигашки дуели, но на оние кои играше впечатокот е доволен за да собере најголем број од гласовите, 9.781, што е убедлива бројка пред конкуренцијата.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

„Секоја награда е добредојдена, тоа е успех. Драго ми е што ја добив оваа награда во изборот на 24ракомет. Ова е еден стимул за играчите, но се надевам дека следниот пат наградата ќе ја добие некој од помладите играчи, што се бори повеќе“, потенцира Велко Маркоски.

Маркоски, кој е еден од главните играчи во редовите на тимот од Автокоманда, истакнува дека има желба и мотив да одигра уште некоја сезона пред да се одлучи што и како понатаму.

„Сè уште не знам, а и не размислувам за тоа. Знаеме сега каква е ситуацијата секаде во светот. Ќе видиме, ќе покаже времето како ќе се одвиваат работите. Се надевам дека ќе играм уште некоја година, па после ќе размислувам што понатаму. Здравје.“

Металург претрпе сериозни промени во играчкиот кадар на полусезоната, тој е пред завршување на настапот во Европската лига, што значи дека сите сили ќе ги насочи кон националното првенство и Купот, но и таму го чека силна конкуренција.

„Знаеме дека е тешка состојбата во клубот. Неколку играчи заминаа, останавме неколку поискусни, другите се млади деца. Ние ќе го дадеме нашиот максимум, ќе се бориме за секоја топка на секој натпревар и се надеваме на добар пласман во завршницата на домашното првенство. Вардар и Еурофарм Пелистер се издвојуваат како главни фаворити за титулата. Ние ќе се бориме да им ги помешаме сметките. Во конкуренција за тие места што носат пласман во европските купови се неколку екипи. Тука се Охрид, Пролет, сега се засили и Бутел, тие се екипите што имаат шанса за излез во Европа. Меѓутоа, главната битка ќе се води меѓу Вардар и Еурофарм.“