Маркоски дефинитивно остана без ЕП, мора да мирува до крај на јануари

Прегледите направени во текот на денешниот ден во Скопје го потврдија она од што се стравуваше, па главниот дефанзивец во Македонија, Велко Маркоски ќе го пропушти Европското првенство.

Повредата на окото е сериозна и тој не смее да има дополнителни напори најмалку две до три недели што значи дека ќе мора да мирува најмалку до крајот на овој месец. Воедно со ова Македонија останува без еден од најквалитетните ракометари во тимот и главен командант на одбраната.

Ова значи дека Брестовац ќе мора да комбинира со оние играчи коишто ги има и нема да може да смета на Велко Маркоски ниту доколку Македонија се пласира во вториот круг. Со оглед на тоа што најдобрите прогнози се дека тој ќе може да игра најбрзо некаде кај 22 јануари тоа значи дека нема да може да помогне ниту во вториот круг така што е јасно дека нема да се ризикува, па тој ќе може да се стави на располагање на тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ дури за тренинзите во февруари.