„Мандалиниќ игра одлично во Битола, мораше да има место за него во репрезентацијата“

Поранешниот голман на хрватската репрезентација, Иван Стевановиќ во подкаст за хрватскиот “Инкубатор“ зборуваше за многу ракометни теми и одговараше на поставените прашања од страна на гледачите.

Тој истакна дека во оваа репрезентација на Хрватска, која направи голем број на промени заради позитивните играчи на коронавирус, требаше да има место и за ракометарот на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ.

„Јас имам високо мислење дека Стипе Мандалиниќ треба да биде дел од репрезентацијата. Со него соработував во Загреб и подоцна во селекцијата на Хрватска. Можеби тој немаше среќа во Фуксе Берлин поради повредите, но сега во Еурофарм Пелистер кај Жељко Бабиќ игра одлично и сигурно треба да има место за него во хрватската репрезентација. Сепак, не сакам да навлегувам околу тактиката која ја планира Хрвоје Хорват. Јас мислам дека тој никогаш не соработувал со Стипе. Селекторот на Европското првенство ги повика оние ракометари со кои соработувал. Мислам дека тоа е една од причините поради која Стипе не е повикан“, изјави Стевановиќ.

Мандалиниќ со репрезентацијата на Хрватска освои бронзен медал на Светското првенство во 2013 година, кое беше одржано во Шпанија. Сепак, големиот број на повреди во Бундеслигата премногу го оддалечија од настапи на мундијалите и континенталните собири.