Мандалиниќ жали само за едно во Битола: Ни фали поддршката од Чкембари и тој ветер во грб

Еден од најголемите трансфери во македонскиот ракомет сигурно е оној на хрватскиот интернационалец Стипе Мандалиниќ во Еурофарм Пелистер. По настапите за Сплит и Карловац, па Загреб и бундеслигашот Фуксе Берлин, Мандалиниќ дојде во Битола и потпиша договор на две сезони.

Во малата хрватска колонија кај „фармацевтите“, на Мандалиниќ друштво му прават тренерот Жељко Бабиќ, како и пикерот Томислав Кушан и десниот бек Матео Мараш.

Мандалиниќ во краткиот разговор за 24Ракомет открива дека немал проблеми со адаптацијата во Битола и во Македонија, со оглед на тоа што доаѓа од поинаква средина каква што е Германија.

„Кога решив да го потпишам договорот со Еурофарм Пелистер, знаев каде доаѓам и во каков град и во каков клуб. За мене и за моето семејство беше предизвик да пробаме да живееме во ’помало место’, но еве по три месеци поминати во Битола, навистина многу лесно и брзо се прилагодивме и адаптиравме на поинаков начин на живот на многу ни се допаѓа. Задоволни сме“, вели Мандалиниќ.

Левиот бек имаше понуди од Бундес лигата и од екипи што играат во Лигата на шампионите, но сепак го одбра Еурофарм Пелистер.

„Дефинитивно се исполнија сите очекувања што ги имав пред да дојдам во Битола. За клубот имам само пофални зборови и можам да зборувам само во суперлативи. Сите се трудат и го даваат својот максимум за Еурофарм Пелистер полека да се искачува кон врвот на европскиот ракомет. Ние играчите ги имаме најдобрите услови за работа и луѓето во клубот се трудат да ни биде што поудобно овде, секоја им чест за тоа. Што се однесува до соиграчите, позитивно сум изненаден прво од човечки аспект, бидејќи сите се подготвени да ми помогнат кога треба, но исто така и од играчки аспект. Во Еурофарм Пелистер има навистина одлични ракометари“, продолжува Хрватот.

Битолчани по осум месеци конечно одиграа официјален натпревар, но незаслужено загубија од данскиот ГОГ Гудме во Лигата на Европа.

„Нашите очекувања од Лигата на Европа се големи и секој спортист треба да има цел да биде меѓу најдобрите. Сепак како што стојат работите со пандемијата ништо не се знае како ќе се одвива понатаму и каков состав ќе имаат екипите на натпреварите. Јас сум задоволен од тоа како игравме против ГОГ Гудме. Покажавме дека сме тим, а тоа е најважно. Групата е навистина силна, но ние ги гледаме нашите шанси да бидеме во самиот врв. Повторувам, целта е да го однесеме Еурофарм Пелистер кон европскиот врв“, вели Мандалиниќ.

Како што сега стојат работите, тешко дека ќе има публика во македонските сали, барем во есенската полусезона. Мандалиниќ знае колку можат да им помогнат „Чкембари“.

„Секако дека ќе ни фалат атмосферата во салата и нашите навивачи ’Чкембари’. Ќе ни фали тој ветар во грб кој ни го даваат перфектните битолски навивачи. Можам само да се надевам дека во најскоро време ќе чујам навивање од трибините во Македонија“, продолжува Мандалиниќ.

Левиот бек игра за националниот тим на Хрватска од 2013 година и на 42 меча има постигнато 49 погодоци. Беше дел од ростерот на „каубоите“ на ЕП 2014 година, СП  2017 година и ЕП 2018 година.

„Имам многу пехови со повредите во последните неколку години, но тоа сега е зад мене. Јас сум секогаш тука за репрезентацијата и подготвен сум да се јавам на повикот ако му требам на националниот тим“, заврши Мандалиниќ.