Мандалиниќ: Еурофарм Пелистер го одбрав пред Мешков Брест, едвај чекам да ја видам атмосферата во Битола!

Најголемото засилување за тимот на Еурофарм Пелистер за претстојната сезона дојде од Бундес лигата. Левиот бек на Фуксе Берлин, Стипе Мандалиниќ, ќе се обиде во Битола да ја врати старата препознатлива форма под водство на Жељко Бабиќ.

Хрватот имаше проблеми со повреда минатата сезона и иако имаше уште една година од договорот со „лисиците“, сепак тој беше раскинат спогодбено.

„Најпрво се јави белорускиот Брест Мешков и ми испрати прифатлива понуда, а потоа се јави и Еурофарм Пелистер со уште подобра. Сепак Битола е поблиску до дома отколку Брест. Драго ми е што ќе играм во СЕХА, па често ќе бидам во Хрватска. Не е тајна дека влијание врз одлуката имаше и тоа што тренер е Жељко Бабиќ, кој ме тренираше и во националниот тим. Би било сјајно ако Еурофарм Пелистер добие место во Лигата на шампионите, но и да не биде така ќе играме во силната Лига на Европа. Ќе биде доста интересно и во СЕХА, како и во македонското првенство. Таму е секогаш силниот Вардар, како и се подобриот Металург. Едвај го чекам првиот натпревар, а слушнав дека во Битола салата е секогаш полна до последното место. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата таму“, вели Мандалиниќ за „Вечерњи Лист“.

По Сплит, Карловац, Загреб и Фуксе, битолскиот клуб ќе му биде петти во кариерата на левиот бек.