Малку беа за Риниа и 17 голови на Латифи, РК Алушовски стигна до премиерната победа во Прва лига

Ракометарите на РК Алушовски ја забележаа првата победа во 7. коло во групата 1 од Првата лига на гостувањето кај Риниа. Гостинскиот тим триумфираше во многу ефикасен натпревар со 43:35.

Во натпревар „без одбрани“ беа постигнати 78 голови, а поснаодливи излегоа дебитантите во Првата лига за прва победа во натпреварувањето. Гостите беа постојано во водство, а по првите 30 минути имаа предност 18:15.

Во продолжението се играше уште поефикасно, а разликата во корист на РК Алушовски продолжи да расте. До крајот Риниа немаше начин да се врати во натпреварот и мораше да се помири со седмиот пораз во сезоната.

Најефикасен во домашниот состав беше Латифи со дури 17 погодоци, додека во победничката екипа најмногу се истакна Белистојановски кој постигна десет гола. Поддршка му беа Петар и Павле Атанасиевиќ со девет, односно осум гола.