Македонките на ниво, Коњалти реди победи во Турција

Ланскиот освојувач на Европскиот Куп, тимот на Коњалти, откако во првото коло од турскиот шампионат славеше победа над Јаликавак, во второто коло неочекувано дојде до убедлив триумф против Јенимахал со 12 гола разлика, 36:24.

Победничката екипа, во која настапуваат трите ракометарки од Македонија, Ивана Гакидова, Моника Јанеска и Елена Ѓорѓиевска, натпреварот го реши уште во првиот дел и по водството на полувреме од 18:13, јасно беше дека Јенимахал ќе има тешка задача за да направи нешто повеќе.

Интернационалките од Македонија на теренот одиграа на солидно ниво, па така Јанеска и Ѓорѓиевска по двапати се запишаа во листата на стрелци. Двете ракометарки заедно одлично во одбраната.

На овој натпревар не настапи кружниот напаѓач Ивана Гакидова, која имаше мала операција, но на терените се враќа за три до четири недели.

Амбициозниот тим на Коњалти заедно со Бурса, Ускудар и Гореле имаат по четири бодови на табелата, додека актуелниот шампион Кастамону, кој има одиграно натпревар повеќе, моментално се наоѓа на лидерското место со шест бодови.

Коњалти во минатата сезона го освои второто место во најсилното турско натпреварување и со освоеното прво место во Европскиот Куп испиша историски успех.