Македонските „Германци“ добија зелено светло – доаѓаат на репрезентативен собир!

Тројцата македонски интернационалци што настапуваат во бундеслигашките клубови добија зелено светло да се јават на репрезентативниот повик и веројатно ќе му се стават на располагање на селекторот Данило Брестовац.

Тој се уште го нема објавено скратениот список, но многу веројатно е дека на него ќе се најдат Мартин Томовски од Лудвигсхафен, Жарко Пешевски од Штутгарт и Филип Кузмановски од Хановер.

Германските клубови најавија можност дека нема да ги пуштаат ракометарите на репрезентативни акции поради коронавирусот, но тоа сигурно ќе повлечеше и казни од ЕХф, па решија да не ризикуваат.

Томовски ќе игра против Кузмановски во текот на утрешниот ден, а исто така и Пешевски со Штугарт ќе има натпревар против Лајпциг. Во петок сите тројца би требало да пристигнат во Македонија.

Репрезентацијата би требало да има неофицијален собир на 30 или 31 октомври, кога ќе бидат направени и тестови на коронавирус, а официјалниот собир ќе биде на 2 ноември во понеделник.