Македонија ЃП победнички во Гевгелија, му даде 41 гол на Партизан

Екипата на Македонија ЃП дојде до втората победа во плеј-аут фазата во Првата машка лига откако на гостувањето во Гевгелија кај Партизан славеше убедлива победа со 34:41, во натпревар од 5. коло.

Ракометарите на Партизан на овој натпревар настапија со само осум ракометари, додека гостинската екипа од Ѓорче Петров на терен излезе во полн состав, кој во речиси најголемиот дел од првото полувреме беше во водство. Домашниот тим со головите на Велев и Банцалиски дојде до водство од 3:1 во воведниот дел, но во останатиот период од првото полувреме беше во константна негатива од три до четири гола разлика.

Македонија ЃП имаше неколку расположени играчи, кои имаа сигурна реализација. Во првото полувреме одбраната кај двата табора беше слаба страна, па така во обидите да се дојде до погодок се стигнуваше на лесен начин. Ракометарите на Џевад Равмановски на полувреме заминаа со предност од четири гола разлика, 17:21.

Сето она што беше договорено на пауза, ракометарите на Македонија ЃП го одработија во вториот дел. За неколку минути игра во второто полувреме предноста на гостинскиот тим беше зголемена на плус шест, 20:26. Партизан се обидуваше да намали, но во последниот период веќе се предаде и му дозволи на противникот да ја продолжи својата доминација на терен.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Партизан, Ѓорѓе Банцалиски со 13 погодоци, додека неговиот соиграч, Иван Велев додаде девет гола. Во победничката екипа прв стрелец беше Петко Митовски со осум погодоци.