Македонија ЃП без мака до убедлив триумф над Кичево

Екипата на Македонија ЃП на свој терен немаше поголеми проблеми да дојде до убедлива победа против Кичево со 32:22 во натпревар од Првата лига во Групата Б.

Домаќините уште од самиот почеток имаа убедливо водство кое им овозможи мирен тек во самиот натпревар. По водството од 6:1 и 8:3, ракометарите на Македонија ЃП зголемија на 12:5 и водството од седум разлика успеаја да го задржат до првото полувреме кое заврши со нивна предност од 14:7.

Македонија ЃП во вториот дел ја покажа својата доминација и не му дозволи на противникот да ја преполови својата негатива. При резултат од 20:12, јасно беше дека избраниците на Драган Кузманоски ќе имаат тешка задача да се надигруваат со поискусната екипа. Преку Никодиновски, Велковски, Ѓиноски, Јордановски и Серафимовски, Македонија ЃП зголеми на конечни десет гола разлика, 32:22.

Во победничката екипа најефикасен беше Максимилијан Ѓиноски со шест гола, а по пет постигнаа неговите колеги, Бојан Серафимовски и Владимир Спировски. Кај гостинската екипа од Кичево најефикасен со седум погодоци беше Мојсие Тасески.

Во следното коло, Македонија ЃП е домаќин на Текстилец, додека екипата на Кичево ќе гостува во Струмица кај Астраион.