Македонија со минимален триумф против Израел фаќа залет за Краков! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Машката репрезентација на Македонија славеше на последниот пријателски натпревар пред СП против Израел со 38-37 и ќе го освојат повеќе од сигурно второто место на „Кроација Куп 2023“. Ова беше последна контрола за нашите ракометари пред заминувањето за Краков. Можеше за малку да се направи „од готово – вересија“ бидејќи последниот напад го имаше Израел, па и последниот шут од девете метри кој за среќа заврши во мрежата, но покрај голот.

Иако нашите ракометари имаа и „плус 7“ во првиот дел, сепак многуте нереализирани напади во финишот беа причина за ривалот да се врати во мечот и да намали на минус еден, а да имаа и напад за реми, кој не го реализираа за наша среќа.

На стартот избраниците на Кире Лазаров отворија со водство од 3-1, а таквата предност ја одржувавме десетина минута, пред Јагуриновски да зголеми на 7-4. Имавме и плус четири, 10-6, но Израел се врати на минус два, 11-9.

Со голот на Манасков, Македонија си ја врати предноста, 14-10, а Лазаров место Атанасијевиќ, Кузмановски, Јагуриновски и Пешевски, на терен ги внесе Младеновиќ, Ѓоргиев, Серафимов и Стојковиќ.

Токму Серафимов погоди два пати по ред, а изнуди и два пенали, па Македонија по петнаесетина минути водеше со плус седум, 18-11. Тоа го принуди израелскиот селектор Ѓукиќ да бара тајм-аут.

По неколку пропуштени прилики на Македонија, Израел намали на четири гола, 20-16. Беше и 21-17 со голот на Кузмановски, а потоа погоди и Георгиевски. Иако имавме шанса за повисока разлика, сепак на пауза се замина со плус четири, 23-19, откако Израел погоди во последните секунди.

Македонија – Израел „Кроација Куп“ 2023

Нештата многу не се променија во вториот дел. Предноста на Македонија се движеше меѓу три и пет гола, иако при резултат 32-29, ривалот имаше шанса да намали и на минус два. Пешевски за момент ја отстрани опасноста со голот за 33-29, а потоа и Младеновиќ во индивидуална акција стрелаше за 34-30.

Беше и 37-33 на пет минути до крајот, Петров имаше шанса и реализира за 38-34 по тајм-аутот на Лазаров, а Израел не се предаваше и намали на 38-36. Следуваа уште две грешки, македонскиот селектор повика уште еден тајм-аут, но немаше голови и Израел имаше пентаесетина секунди за напад. Не погодија од девет метри и победата остана за Македонија.

Најдобри стелци во нашата репрезентација беа Дејан Манасков со 11 гола и Филип Кузмановски со шест, додека по четири пати реализираа Гоце Георгиевски и Томислав Јагуриновски. Македонија со две победи и два порази на пријателските натпревари патува за Краков на СП, каде во групната фаза ќе се соочи со Норвешка, Холандија и Аргентина.