Македонија го реши Узбекистан и обезбеди главна рунда на СП!

Женската кадетска репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на Мундијалот на кој сме домаќини, откако славеше над Узбекистан со 39-30. Со овој триумф, нашите ракометарки обезбедија место во главната рунда на СП, односно се пласираа меѓу 16 најдобри селекции во светот.

Мечот не тргна според посакуваното, Узбекистан се разигра на стартот и набрзина преку опасната Еркабаева се одлепија на плус пет, 2-7. Беше и 3-8, но почнаа да погодуваат во низа Борјана Коцева и Ризоска.

Македонија се врати на минус два, 7-9, но лесно примавме голови и Узбекистан пак се врати на солидна позитива, 9-13. Селекторот Савевски ги смени на голот Јовановска и Чурлиновска, одбранивме неколку напади и веќе беше 13-13.

Две грешки во нападот не чинеа нова негатива, 16-18, но на пауза сепак Македонија имаше предност. По два пати реализираа Јанкуловска и Ризоска и на полувреме се замина со резултат 20-19.

Стартот на второто полувреме го реши победникот. Македонија со серија од 5-1, стигна до плус 5, 25-20 и веќе беше јасно како ќе се движи натпреварот до крајот. Нашите напади завршуваа брзо, најчесто со гол на сестрите Коцеви во противничката мрежа.

Противникот од време навреме се закануваше, но тоа не влијаеше на резултатот и на крајот Македонија прослави убедлив триумф што носи место во главната рунда, а по дуелот со Иран ќе се знае колку бода ќе пренесеме во главната рунда.

Бојана Коцева стрелаше девет пати, Емилијана Ризоска даде осум гола за Македонија, додека Марија Јанкуловска постигна шест погодоци. Кај ривалот, Сапарбаева и Еркабаева дадоа по десет гола.

Последниот натпревар против Иран, Македонија ќе одигра на големиот празник Илинден во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.

Савевски не е задоволен од пристапот: Ваква игра не смее да се повтори!

Ризоска „испорача“ осум гола во мрежата на Узбекистан и стана МВП!

Македонската легенда Кире Лазаров со поддршка за кадетките (ФОТО)