Македонија го реши Исланд и тргна победнички кон мундијалскиот бараж

Женската сениорска репрезентација на Македонија ги отвори квалификациите за бараж за СП со победа од 24:17 против Исланд така што првата од трите задачи беше решена позитивно и утре против Литванија и задутре против Грција ќе се бара потврда на местото меѓу селекциите кои ќе разигруваат за пласман на Мундијалот.

Почетокот на натпреварот мина во голем грч кај репрезентативките на Македонија. Откако поведоа со 1:0 и во 4. минута беше 2:2 следуваше период на игра во која никако не можеше да се совлада голманката на Исланд или да се помине покрај одбраната на противникот. Таквата игра овозможи Исланѓанките да дојдат до предност од 7:2 на средина од првото полувреме.

Колку беа лоши првите 15 минути толку беа добри следните 15 во кој имаше комплетна доминација на Македонија. Девојките како д го надминаа почетниот притисок и дојдоа до играта која се очекуваше од нив. Успеаја да се претстават во далеку подобро издание и да ги запрат противничките ракометарки.

Од 2:7 лесно дојдоа до 8:7 во 24. минута. Овој пресврт се должеше на поголема концентрација, подобра подвижност во одбраната, па сето тоа отвори шанса за да се дојде до пресврт така што веќе имаше контрола на играта.

До крајот на првото полувреме Исланд имаше уште само еден погодок и тоа за израмнување на 8:8, а Македонија продолжи со играта која даваше шанса за погодок плус така што сето тоа овозможи на полувреме да биде 11:8 и да може добро да се влезе во втората половина од натпреварот.

Вториот дел од средбата почна речиси во истиот ритам со кој финишираше првото. Ракометарките на Исланд успеаја брзо да ја неутрализираат негативата и да се вратат во мечот. Дојдоа до нерешени 12:12 после седум минути игра во второто полувреме, а потоа и поведоа со 13:12.

Овој резултат отвори простор за игра, но некаде на средината на второто полувреме работите одново си дојдоа на свое место. Репрезентацијата на Македонија заигра далеку подобро. Доби поддршка од Матеја Серафимова на голот, а потоа во нападот Ристовска биеше без грешка и во 53. минута веќе се имаше резултат кој гарантираше два бода од овој дуел. Македонија водеше со 20:16, а финишираше со 24:17.

Во последните минути предноста само беше зголемена за на крајот да се дојде и до убедлива победа така што Македонија тргна како што посакуваше во овие квалификации и сега на девојките е да продолжат во ист стил и да се изборат за едно од првите две места.

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД          24:17 (11:8)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Дијана Кармен Кулеи и Анамарија Стоја од Романија. Делегат: Ацо Николовски од Македонија и Зорица Масиќ од Србија.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (9 одб.), Мицецска, Стојановска 1, Гакидова, Боризовска 1, Џатевска, Тасевска, Ѓорѓиевска 6, Јовановска, Кипријановска, Ристовска 11, Ливриниќ, Стојковска 2, Дабевска, Гичевска 3, Николиќ.

Седмерци: 4/4, Исклучувања:

ИСЛАНД: Торстејндотир, Магнусдотир, С. Јонсдотир 1, Р. Јонсдотир 3, Бјорнсдотир 1, Прастардотир, Харалдсдотир 1, Орварсдотир 2, Јулиусдотир 3, Давидсдотир, Стурлудотир 1, Томсон 3, Бјоргвинсдотир, Гилфадотир, Хаукдсотир 1, Гудмундстодотир 1

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.