Магдинчев замина од Јуниор КВ бидејќи не сакал да води прволигашка екипа

Тимот на Јуниор Кисела Вода по само една сезона во суперлигашкото друштво се враќа во Првата лига. Ланската сезона Јуниор КВ ја започна со Благојче Весиќ на клупата, а ја заврши со Ристо Магдинчев.

Магдинчев го водеше тимот во битките за опстанок, но иако не успеа во намерата клубот да остане дел од елитата, сепак не беше лесен залак за ниту еден од другите тимови.

Потпретседателот на Јуниор КВ, Горан Станковиќ, вели дека клубот сакал да ја продолжи соработката со негогашниот тренер на ПСЖ, Вардар, Пелистер, ЖРК Вардар…

„Ние како клуб му дадовме шанса на Ристо Магдинчев после неколку години пауза од ракометот да се работи во клуб и бевме задоволни од неговата раобта, па му понудивме да ја продолжиме соработката и за претстојната сезона. Сепак тој ни кажа дека не сака да биде тренер на прволигашка екипа и сака да работи во Суперлигата“, вели Станковиќ за 24Ракомет.

Раководството на Јуниор КВ веќе е во потрага за негов наследник, а изборот веројатно ќе падне на Игор Котевски, кој во пролетниот дел од сезоната го водеше составот на Голден Арт КЛ7.