Лејно како Миркуловски – ќе биде ем тренер, ем играч во Ѓер

Екипата на Ѓер веќе го подготвува тимот за наредната година и уште сега има обезбедно нов голмански пар. Амандин Лејно и Ева Киш ќе бидат заменети од Лора Глозе и Силје Солберг, но сегашните голманки нема да заминат од Ѓер.

Лејно и Киш ќе имаат нова улога во клубот и тие ќе работат како тренери. Поранешната голманка на Вардар, Лејно ќе биде тренер на голманите во првиот тим и трета опција доколку е потребно на голот, додека Ева Киш ќе работи со младинските категории.

„Ќе ми биде мило да останам во Ѓер бидејќи тука се стремиме кон квалитетна и успешна работа. Среќна сум што успеав освен што бранам да бидам и тренер на голманите. Силје и Лора се фантастични голмани и ќе биде задоволство да се работи со нив. Секако годинава не сакам да го пропуштам фајнал-форот, а во наредната сезона да му помогнам на тимот да има уште добри настапи“, изјави Лејно.

Исто така и Киш го истакна своето задоволство што остнува во Ѓер.

„Морав да донесам тешка одлука, но решив да ја прекинам мојата играчка кариера на крајот на сезоната. Размислував многу за продолжението и мислам дека ова е најдобро за мене. Среќна сум што останав во клубот и ќе работам со млади голмани. Во меѓувреме работам на моето образование, а се стекнав и со лиценци за тренери. Сепак имаме уште многу важни мечеви пред нас и сакам да му помогнам на клубот колку што можам“, рече Ева Киш.

Французинката Лејно ќе ја има истата улога како некогашниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски,кој ја продолжи верноста кон Вецлар за две години. Во првата година ќе биде играч и тренер, додека во втората година од договорот ќе се посвети само на тренерската кариера.