Летово нема да почне со ракомет: Се откажува кампот на Кирил Лазаров!

Состојбата со корона вирусот во Македонија го откажа најмасовниот летен ракометен камп во Македонија „Кирил Лазаров 7“, кој беше закажан за крајот на јуни оваа година. Покрај овој камп, летово требаше да се одржат уште два други летни кампа, меѓу нив и еден од најстарите и најатрактивните, оној во Маврово на ракометната академија Алушовски.

Сепак од раководството на кампот Алушовски кој оваа сезона требаше по шести пат да се одржи во спортскиот комплекс Маврово, не сакаа да ризикуваат со здравјето на своите учесници па уште во март одлучија оваа година да паузираат со своите активности и да се насочат кон јуни 2021 година.

Најоптимистички беа најавите од таборот на летниот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“ кои направија и план Б за месец јули, доколку има опција да се контролира ширењето на корона вирусот, но новата состојба во Македонија и рапидното зголемување на бројот на заболени само ја потврдија опасноста на пандемијата. Затоа денес и официјално тимот на ракометниот камп кој требаше да ги собере младите ракометари во Охрид од 19 јуни до 1 јули го откажа овој собир и им закажа нова средба на младите ракометни таленти во 2021 година.

“Императив секогаш е здравјето на децата. Почитувајќи ги препораките на надлежните кои забрануваат групирање на повеќе од 2 лица, одржувањето на кампот е невозможно. Секојдневно ја следевме ситуацијата и очекувавме смирување на истата, бевме подготвени и за поместување на датумот за месец јули… Но, за жал бројките го покажуваат спротивното, ризикот во оваа ситуација е недозволив. Знам што значи присуството за децата на кампот, со какво нетрпение го чекаат и секоја година му се радуваат. Ги поздравувам и се надевам дека следната 2021 ќе може повторно да бидеме сите заедно во името на ракометот.”-вели капитенот на македонската репрезентација и човекот кој стои зад овој летен ракометен камп, Кирил Лазаров.

По препорака на Владата на Македонија, ракометните терени се затворени од средината на март 2020 година поради превенција од ширење на корона вирусот. Истото се однесува и за ракометните школи кои затворени ќе ја дочекаат новата сезона.

Летните кампови требаше да бидат круна на една сезона, но оваа сите ќе се потрудат да ја заборават.