Лесјак: Знам дека Еурофарм Пелистер е на добар пат, затоа дојдов во Битола!

Македонскиот вицеправак Еурофарм Пелистер денес официјално го претстави новото засилување во тимот, искусниот голман од Словенија, Урбан Лесјак, кој веќе пристигна во Битола и ја одработи првата фаза од подготовките со неговите нови соиграчи.

Словенечкиот голман со своето големо искуство ќе биде квалитетно засилување во тимот на „фармацевтите“. Во таборот на битолскиот клуб пристигна од Бундес лигата, односно од екипата на Хановер. Одличната понуда од Еурофарм Пелистер била причина да ја напушти најквалитетната лига на светот.

,,Кога стигна опцијата за Битола, веднаш ми беше интересна. Градот го знаев, бидејќи играв тука со Хановер. Филип Кузмановски ми кажа многу убави зборови за клубот, градот, организацијата, сопственикот и засега сè функционира супер и едвај чекам да почнат натпреварите. Словенците имаат големо почитување за македонскиот ракомет. Знаеме што значеа Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер, кој е на добар пат. Имаме добар ростер, имаме луѓе зад нас во клубот кои добро работат и верувам дека ова е добар проект. Со голем ентузијазам гледам на проектот, бидејќи ако не беше така немаше ни да се одлучам да дојдам тука. Драго ми е што ќе имам голема одговорност, што ќе бидам битен за екипата. Верувам во својот квалитет и во квалитетот на екипата. Свесен сум дека голманската позиција е многу битна и ќе дадам сè од себе. Тешко е да оценам каква е екипата во овој момент. Тешки се нозете, доста трениравме и физички се подготвувавме. Имаме интелегентна екипа која може да игра повеќе начини на ракомет – од брз, до тактичен. Спремни сме за сè сезонава”, изјави Лесјак.

Словенецот е добро познат голман и располага со голем квалитет. Во својата кариера играше за Целје од 2010 до 2018 година, а во последните четири години беше на голот на Хановер од Бундес лигата. Има 58 натпревари во дресот на Словенија со која има и бронза од Мундијалот во 2017 година.