Лекиќ: Имав многу непроспиени ноќи во Скопје…

Некогашната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ, во новата сезона ќе ги брани боите на црногорскиот шампион Будуќност.

Во моментов е членка на романскиот ЧСМ Букурешт, но можно е да го одигра последниот натпревар за овој тим, доколку ЛШ и романското првенство не продолжат во скоро време.

Во разговор за „Balkan Handball“, Лекиќ откри дека имала многу непроспиени ноќи по поразите на Вардар од Ѓер во финалињата од Лигата на шампионите во 2017 и 2018 година.

„Тоа се некои работи што тешко ги поднесов и ќе останат како болен дел од мојата кариера. Но од друга страна тоа е голем успех, ако се гледа начинот на кој стигнавме до тие резултати, пет пласмани на завршните турнири, две финалиња. И ние, и луѓето во Македонија беа задоволни од тоа што го пруживме. На никој не му е лесно да загуби две финалиња само за еден гол и немам што да додадам освен тоа што имав многу непроспиени ноќи. Во Скопје имав само убави моменти, и нив ќе ги паметам до крајот на животот, колку тоа и да звучи клише“, изјави Лекиќ.

По заминувањето од Вардар, Лекиќ се пресели во ЧСМ Букурешт, но лани не успеа да стигне до учество на завршниот турнир во ЛШ. Сезонава во четвртфиналето романскиот тим го има за ривал европскиот првак Ѓер.