Легенда која се раскажува 22 години – Од Египет до Египет низ 500 погодоци на Кире Лазаров

Дебито на големите натпреварувања го имаше во Египет, а таму веројатно го одигра и последниот натпревар на СП и ЕП. На 70 средби постигна точно 500 гола и постави граници и голем предизвик за оние што доаѓаат и треба да го наследат.

Капитенот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Кире Лазаров веројатно ги одигра последните натпревари на големите натпреварувања. Доколку можеби одлучи да биде активен уште една година тогаш бројките кои ги има во моментов само ќе ги поправи и ќе дојде до поместување на границите кои ги постави.

Според статистиката која ја има 24Ракомет и личните архивите од сите првенства на кои била Македонија, последниот погодок на Мундијалот кој денеска завршува беше под број 500 на Светските и на Европските првенства со што постави бројки кои ќе бидат вистински предизвик за ракометарите кои доаѓаат после него и кои ќе треба да ја задржат Македонија на големите натпреварувања.

Бројките кои Лазаров ги има дефинитивно ретко кој може да ги постигне така што останува да се види кога некој ќе им се доближи бидејќи засега другите се многу далеку од овие бројки.

Рекордот на Мундијалите преживеа и овој јануари

Денеска кога завршува Светското првенство веќе е јасно дека рекордот на Кирил Лазаров од 2009 година со 92 гола постигнати на еден Мундијал останува жив и понатаму. Очигледно е дека овој резултат ќе остане недопирлив уште барем две години, но може да биде и повеќе бидејќи и понатаму се покажува дека се работи за сериозна бројка која е тешко да се достигне.

Откако заигра пропушти само три средби

На големите натпреварувања Македонија има 79 средби, а од нив Лазаров нема настап на само девет. Првите шест на Европското првенство во Италија не се бројат бидејќи тогаш имаше само 18 години и не беше во составот на Македонија за тоа натпреварување.

Откако дебитираше на 2 јуни во 1999 година на Светските првенства против Саудиска Арабија и постигна еден гол, тој не настапи на дуелите против Германија и Куба на истиот шампионат и против Данска на Европското првенство во 2018 година. На сите други 70 средби беше во составот, а на една од тие средби 60 минути преседе на клупа без да влезе на терен. Тоа се случи на средбата против Шпанија на Европското првенство во 2014 година.

Седум Мундијали и пет Европски првенства

До бројката од 500 погодоци стигна со настап на дури 12 шампионати од вкупно 13 на колку Македонија има настапено. Лазаров беше дел со репрезентацијата на Македонија на седум светски и пет европски првенства од кои на 11 беше капитен.

На овие првенства Лазаров имаше 70 натпревари. Од нив 43 беа на Мундијалите, а 27 на Европските првенства. Постигна 318 погодоци на Светските шампионати, каде што имаше просек од 7,4 гола по натпревари. На Европските првенства погоди 182 пати на 27 натпревари, а просекот на шампионатите на стариот континент е 6,7 гола.

Вкупниот просек на големите натпреварувања е 7,1 гола по натпревар што е секако за почит.

Од Египет до Египет

Бројките кои ги забележа сигурно ќе беа и поголеми доколку после првиот настап во 1999 година немаше дури десет години пауза. Сепак, судбината сакаше онаму каде што почна веројатно и да ја заврши епизодата во репрезентативната кариера наречена настап на големи натпреварувања.

За овие 22 години тој одигра натпревари против 31 различна селекција од четири континенти. Имаше 19 од Европа, шест од Азија, четири од Африка и две од Јужна Америка. Кога беше во составот Македонија забележа 25 победи, седум нерешени резултати и 38 порази.

Нема гол само на три средби

Од вкупно 70 натпревари Лазаров само на три дуели не се запиша меѓу стрелците. Не погоди против Шпанија на Европското првенство во 2014 година, кога не влезе воопшто во игра и преседе 60 минути на клупа.

Потоа немаше гол ниту на дуелот против Хрватска на ЕП во 2016 година, а апоследниот натпревар се случи сега на Мундијалот кога против Русија не успеа да погоди.

Против Словенците најмногупати на терен, нормално и со најмногу голови

Од вкупно 31 репрезентација против која настапи на шампионатите Словенија е селекцијата со која има најмногу одмерувања на силите. Дури петпати на 12-те првенства на кои настапи играше против Словенија, а против оваа селекција дојде и до најмногу погодоци.

Во голот на Словенија погодуваше 36 пати. Голманите на Данска 33 пати ја вадеа топката од мрежата после шутевите на Кире, а пото со 32 се Русите и Чешка, деок Тунис прими 31 гол од Лазаров. Точно 30 гола има против Полска, а 29 против Германците.

По четирипати играше против Германија, Русија, Данска, Чешка, Исланд и Шпанија.

Три датуми му беа омилени за голови

Според статистиката три датуми му останаа омилени за реализација бидејќи тогаш погодуваше најмногу. На 16 јануари успеа да постигне 45 гола, на 19 јануари 44, а на 17 јануари 43 погодоци.

Со своите рамно 500 гола има речиси четвртина од головитекои Македонија ги постигна на 79 натпревари на Европските и Светските првенства бидејќи досега нашите репрезентативци погодуваа 2051 пат во мрежата на противниците.

Јубилејните погодоци против различни репрезентации

Веќе е добро познато дека првиот гол му беше против селекцијата на Саудиска Арабија, а десеттиот против селекцијата на Египет. Последниот 500. погодок заврши во мрежата на Египет, а против кои други репрезентации бележеше јубијелни голови може да се види во продолжение.

Сите јубилејни голови беа против различни репрезентации, а ги има од четири различни континенти.

ЈУБИЛЕЈНИТЕ ГОЛОВИ НА ЛАЗАРОВ

1 – САУДИСКА АРАБИЈА  (Светско првество, 2 јуни 1999)

10 – ЕГИПЕТ (Светско првенство, 7 јуни 1999)

50 – ГЕРМАНИЈА (Светско првенство, 21 јануари 2009)

100 – ЈУЖНА КОРЕЈА (Светско првенство, 29 јануари 2009)

150 – СРБИЈА (Европско првенство, 25 јануари 2012)

200 – ДАНСКА (Светско првенство, 18 јануари 2013)

250 – ТУНИС (Светско првенство, 16 јануари 2015)

300 – ФРАНЦИЈА (Европско првенство, 15 јануари 2016)

350 – АНГОЛА (Светско првенство, 14 јануари 2017)

400 – ШПАНИЈА (Европско првенство, 19 јануари 2018)

450 – ЧИЛЕ (Светско првенство, 20 јануари 2019)

500 – БЕЛОРУСИЈА (Светско првенство, 24 јануари 2021)

На следниот шампионат би можел како селектор?

Со завршувањето на настапот на овој шампионат веднаш почнаа шпекулациите дека Кирил Лазаров би можел наскоро и во тренери односно капитенската лента од теренот да ја замени со селекторската позиција во репрезентацијата на Македонија.

Дали ќе се случи сето ова така брзо ќе се види во многу скоро време, но јасно е дека Лазаров е една од опциите за селектор на Македонија. Сè погласни се вестите дека тој ќе се најде на оваа позиција во тандем со Гино Стрезовски, па останува да се види како ќе се одвиваат работите.

До крајот на сезоната остануваат уште неколку месеци, а дотогаш ќе има и четири квалификациски дуели. Прво во март се двата натпревари против финалистот на СП, Данска, а потоа на крајот на април и почетокот на мај прво дуел со Финска на гостување, па со Швајцарија на домашен терен.