Латифи и Емини се погрижија за прва победа на Риниа, во Чаир падна Текстилец

Тимот на Риниа ја забележа првата победа во групата 1 од Првата лига, откако во натпреварот од осмото коло на домашен терен го совлада штипски Текстилец со 34-26.

Домашните водеа со 14-9, но во самиот финиш на првото полувреме, штипјани направија серија од пет голови и на пауза се замина со 14-14.

Серијата продолжи и на стартот на вториот дел со 14-16, но Риниа не мислеше да се предаде. Полека ја топеше гостинската предност и стигна до водство 25-23.

Потоа тргна клучната серија, домаќинот се одлепи на 29-23 и тука беше крајот на надежите на Текстилец дека може да дојде до позитивен резултат.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Емини со осум и Латифи со седум погодоци, додека кај гостите од Штип се истакна Ристов со седум.