Ласло Наѓ позитивен на корона, го одложи натпреварот на кој требаше да се прости од ракометот

Поранешниот капитен на Веспрем, кој во моментов ја извршува функцијата спортски директор, Ласло Наѓ е виновникот поради кој беше одложен пријателскиот натпревар против Кил на кој требаше да се збогува со активното играње. Покрај него истото требаше да го направат и Штербик, Илиќ и Фазекаш.

Причината поради која дојде до одлагање беше коронавирусот. Ракометарите на двете екипи имаа негативни тестови, но спортскиот директор на Веспрем беше позитивен. Ласло Наѓ практично го одложи својот меч за простување со играњето на ракомет.

Поради овој тест дојде до договор на двете екипи овој ревијален дуел да биде одложен и да добие нов термин. Засега не е познато кога би се одиграл, но јасно е дека Наѓ, Штербик, Илиќ и Фазекаш ќе почекаат за официјалното завршување на играчките кариери.