Лазаров: Стапив во брак со Љубица, ама чувствувам дека се „оженив“ и со репрезентацијата

Кире Лазаров од утре ќе го започне новото поглавје во богатата кариера. Новиот селектор на Македонија ќе го има првиот собир со националниот тим во пресрет на двомечот со светскиот првак Данска од квалификациите за Европското првенство во 2022 година.

Во интервју за ЕХФ, Лазаров открива дека покрај бракот со сопругата Љубица, тој има уште еден – оној со репрезентацијата.

„Стапив во брак со Љубица, но чувстувам дека се оженив и со националниот тим, како да сум во втор брак. За мене националниот тим е како врска. Толку долго сме заедно и кога сме далеку еден од друг, двајцата сме несреќни. Играњето за мојата земја е светост, а кога си капитен, тоа чувство е уште поголемо“, вели Лазаров.

Тој вели дека учел од сите тренери со кои соработувал низ кариерата.

„Ова не се случи преку ноќ, не се случи поради тоа што сум Кирил Лазаров. Секогаш ме прашуваат каков тренер ќе бидам, каков ќе бидам како селектор? Соработував со Червар, Душебаев, Пасквал, сите тие имаа огромно влијание врз мене, не само како играч, туку и како човек. Сите тројца доаѓаат од различни места, имаат различни позадини. Сега јас сето тоа треба да го преточам во едно и да креирам свој сопствен модел. Сега е време да ги извадам сите забелешки од изминатите 20 години, се она што запишував. Тактики, спортска психологија, мотивација, да останете на врвот и да победувате…“, заврши Лазаров.