Лазаров: Среќен сум што победивме, очекувам со полна сала да го прославиме пласманот на ЕП!

Македонија славеше против Луксембург со 28-23 во натпревар од петтото коло од квалификациите за ЕП 2024 година.

Со оваа победа се најдовме уште поблиску до ново учество на ЕП, кое треба да се верификува во недела против Турција.

Дури и пораз до девет гола разлика ја остава Македонија на второто место во групата и трет шешир пред ждрепката за групите на ЕП.

Селекторот Кире Лазаров вели дека денеска е тешко да се игра против која било репрезентација и е среќен по триумфот.

„Денеска не е лесно да се победи против секого. Ние сме подобри од Луксембург, но кога не играш дома, тешко е да се победи против секој ривал. Очекувам тежок меч, бевме фокусирани и концентрирани сите 60 минути, направив многу ротации за да бидеме свежи и на крај победивме. Луксембург се покажа во добро издание против нас, добар голман и бекови кои не ме изненадија, бидејќи ги знам нивните квалитети. Среќен сум што победивме и се пласиравме уште еднаш на ЕП“, вели Лазаров.

За Македонија остана уште средбата против Турција на домашен терен.

„Во недела се надевам дека ќе бидеме уште подобри отколку денеска, бидејќи во „Борис Трајковски“ очекувам полна сала и пред нашите навивачи да го прославиме пласманот на ЕП со оваа подмладена генерација“, заврши Лазаров.

Мечот меѓу Македонија и Турција ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во недела со почеток во 18:00 часот.