Лазаров разочаран: Треба да ги засукаме ракавите…

Репрезентацијата на Македонија загуби и во третото коло од Светското првенство во Полска и Шведска од селекцијата на Аргентина со убедливи девет гола разлика, 35-26.

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров по убедливиот пораз од Аргентина даде свое видување за настапот на неговите избраници на трите натпревари од групната фаза, во која Македонија не успеа да обезбеди ниту бод и со три порази се сели во „Президент Купот” каде што ќе разигрува за пласман од 25 до 32 место на Мундијалот.

Според Лазаров, притисокот, неискуството на осум дебитанти и немањето на јаки натпревари на играчите, кои играат во македонската елита, се едни од причините за слабиот резултат против Норвешка, Холандија и Аргентина.

„Не сум задоволен од изданието на овие три натпревари, можеби ние сме послаби од сите три репрезентации, но не сме послаби за десет гола разлика. Значи имавме лоши три натпревари, тоа го прифаќам како одговорност, не знам што се случи со играчите, дали е притисок во прашање, дали е играњето во една послаба лига, каде што нашите играчи играат во послаба лига и немаат јаки натпревари во текот на сезоната. Имавме и двајца интернационалци како Николче Митревски, на кој оваа сезона не му е фантастична како претходните и Филип Кузмановски, кој скоро нема минутажа. Мислевме тоа да го покриеме со добра атмосфера, со добра работа, со добар систем, но наидовме на тврд орев, на добри репрезентации, кои што имаат амбиции да се изборат за квалификации за Олимписки игри“, вели Лазаров.

Тој смета дека мора уште многу да се работи за да не и случи на Македонија тоа што се случи со фудбалот, кошарката, одбојката…

„Направивме многу жртва за да бидеме овде, затоа што имаше многу, кои што мислеа дека Македонија нема да биде на големите натпреварувања. Ние успеавме на Европско, на Светско и на следно ЕП, и ова е едно ново искуство за мене, затоа што видов на големо натпреварување пред нашите фанови како игра екипата, видов многу работи и сум изненаден. Тоа значи дека треба да работиме, да се работи многу доколку сакаме да не ни се случи тоа што се случи со фудбалот, кошарката, одбојката…Овој производ кој што е граден со години, овој производ кој што натера да дојдат 2500 македонски навивачи, за кои искрено сум им благодарен и сакам да им се извинам како селектор, но меѓутоа, осум дебитанти, млади играчи, малку поискусни, но се уште млади, не зрели да носат ваков терет, затоа што го почуствуваа притисокот, особено денес, каде што сакавме и моравме да победиме. Сепак, Аргентина се покажа како цврста, јака, знаеа што прават, ние делувавме анемично и тоа е целата работа”, изјави Лазаров.

Селекторот повторно се осврна на неговото отсуство од теренот, како и она на Стоилов и Миркуловски.

„Тие делуваа со нас во бараж натпреварите, со мене, Стојанче и со Жути, во помали улоги, но делуваа самоуверено. Самото наше присуство им даваше голема самодоверба. Ова е едно големо искуство, на подготвителниот период во 4-те натпревари игравме подобро, но пријателски натпревар е пријателски натпревар, а ова си носи поголем притисок. Јас тоа го имам почуствувано, знам како е, и воопшто не е лесно тоа што го имаме постигнато во минатото, тој континуитет на големи натпреварувања. Знам дека македонската Фаланга помага многу, но и бара голема одговорност. И тие со соочија со таа нова работа, и ние се мачевме цели десет години, не можевме да се пласираме, па се пласиравме, и оваа треба да биде една добра лекција, прифаќам одговорност, сигурно и јас имам погрешено некаде, не сум безгрешен, но доколку сакаме да одиме напред треба да промениме многу работи во самото размислување и да стартуваме од почеток, затоа што видовме до кај сме со овие репрезентации. Ова се веќе големи репрезентации, ова се репрезентации што значат нешто во светот… Холандија е во подем, Аргентина имаше квалитетно Светско првенство во 2021, а за Норвешка не сакам да коментирам“, коментира Лазаров.

Селекторот потенцира дека знае како им е сега на играчите.

„Изненаден сум од сите играчи, ги разбирам нив, не им е лесно, знам што значи, сум се мачел и јас, и како играч и како капитен во многу квалификации каде во многу ситуации не сме успеале да поминеме баражи со години, но сме верувале. Сигурен сум дека еден ден ќе го дигнеме нивото за да можеме да им парираме на ваков тим на репрезентации, се надевам дека следното Европско првенство ќе биде доста подобро. Една работа, одигравме четири пријателски и три официјални натпревари и ниту еднаш голманите не ја поминаа границата од десет одбрани. Кај нас тоа било заштитен знак, дури и кога одбраната била послаба, голманите не ваделе. Се случува, јас имам доверба во Митревски и Томовски, се случи нешто и со нив, одбраната да беше слаба, но некогаш треба да заслужиш за да те удри некоја топка, не беше така, треба да се анализира што беше и како беше“, продолжи Лазаров.

Тој вели дека мора да се засукаат ракавите и да се работи многу пред настапот на следното ЕП.

„Не сме задоволни, но оваа е реалноста и треба да бидеме среќни што ќе имаме шанса на следното Европско првенство. Да градиме и со прст на чело да работиме во иднина и повеќе да работиме во клубовите. Да се вадат нови играчи, да се направи квалитетна селекција, да се одбери тоа што е најдобро, што може да одговори за ваков тим на натпревари и притисок. Јас знам каков притисок имаа играчите, можеби не признаваа, но го имаа. Самите 2000 навивачи пред загревање кои викаат сакаме победа е притисок. Сум го имал и јас тоа, и не е воопшто лесно за добра претстава, а камоли за победа. Секако, сакаме да почуствуваме некоја победа во ,,Президент Купот”, да добиеме некој играч, да им се даде шанса на сите. Да не паднеме во депресија, да пробаме да извлечеме максимум на тие три натпревари, да видиме кај сме, не треба да бидеме депресивни и да ги искористиме тие три натпревари и да добиеме некој играч, да видиме кој може да одговори на ваков тим на натпревари”, заврши Лазаров.