Лазаров остана без место на тронот во Келн, ПСЖ заврши како третопласиран

Француските претставници Нант и ПСЖ на завршниот турнир од Лигата на шампиони во Келн после поразите во полуфиналето се бореа за утешното 3. место, а на овој дуел поуспешна беше екипата на ПСЖ со 31:28.

Натпреварот почна многу ефикасно на свете страни, а Нант го имаше почетното водство и го диктираше резултатот. Најчесто беше еден или два предност и тоа главно благодарение на голманот Сирил Димулан, кој бранеше неверојатно. Неговиот биланс постојано беше околу 50%.

Во 13. минута ПСЖ стигна до првото водство кога поведе со 8:7 со голот на Лука Карабатиќ. Уште еднаш Нант накратко го презема водството, а од 20. минута ПСЖ доминираше и до крај на полувремето успеа да создаде предност од 17:13.

Во продолжение на натпреварот ПСЖ го диктираше темпото и одржуваше сигурно водство од два до три гола сè до 49. минута кога Лазаров со својот прв гол израмни на 24:24. Веднаш потоа Нант имаше и напад за ново водство кој не го реализираше, а ПСЖ знаше да казни. Со четири брзи погодоци на пет минути до крај ПСЖ поведе со 29:25 и го реши победникот.

Кирил Лазаров натпреварот го заврши со еден погодок и со две промашувања, а убедливо најдобар поединец во неговиот тим беше голманот Димулан со 20 интервенции. Најефикасен во составот на Нант беше Мин со пет гола. Во екипата на ПСЖ, најдобар стрелец беше Феран Соле со пет гола, додека четири постигна Ремили.