Лазаров и Нант тргнаа со победа на тест натпреварите, убедливи против Сесон Рен

По пет недели базични подготовки, ракометарите на Нант го одиграа првиот контролен натпревар. Како дел од подготовките за стартот на францускиот шампионат и Лигата на шампионите, тимот на Кирил Лазаров, втора сезона со Алберто Ентрериос на клупата, го надигра Сесон Рен со 29-19.

Од самиот почеток фаворитот постигна серија на лесни голови и поведе најнапред со 10-5, а потоа и со 14-6. Највиоката предност Нант ја запиша на одморот – десет разлика. Во вториот дел темпото благо опадна, предноста не растеше, но и драстично не се намалуваше. Така, финалните десет плус реално ја покажуваат моќта на новиот Нант наспроти Сесон Рен.

Првиот тест беше позитивен за вицешампионот, стручниот штаб шанса им даде на сите ракометари, а тие одговорија со одлична партија. Кирил Лазаров постигна два гола во периодот поминат во игра. Најефикасни во тимот на Нант беа Балегер со шест и Брие со пет погодоци.

Следниот петок екипата на Нант игра посилен контролен натпревар, а ривал во Париз им е првакот на Франција, ПСЖ.