Лазаров и Нант доживеаја потоп во Данска

Во 4. коло од Лигата на шампионите, данскиот претставник Алборг на домашен терен одигра одличен натпревар против Нант на Кире Лазаров и го совлада убедливо со 32:24.

Алборг имаше фантастично отворање на натпреварот, рано поведе со 6:1. На оваа водство на домашните Нант одговори со серија од четири последователни гола за негатива од минус еден во 15. минута.

Сепак, данскиот тим имаше своја вечер и со серија од 7:1 за десет минути создаде предност од седум гола 14:7. Во завршните минути од првиот дел се играше гол за гол и со истата разлика екипите отидоа на одмор. Алборг имаше 16:9 и беше на добар пат да триумфира.

Во продолжението Алборг немаше тешка задача да го одржи водството. Најчесто имаше предност од десет гола и со рутинска игра стигна до победата. Со овој триумф Алборг го задржа максималниот ефект по четири одиграни натпревари и заедно со Веспрем останува на врвот на табелата.

Кире Лазаров два пати се запиша во листата на стрелци на Нант, додека најефикасен беше Фадил Крепи со пет погодоци. Во победничката екипа на Алборг најефикасен беше Јансен со шест гола, додека Кристенсен со четири гола беше втор стрелец во својот тим.