„Лазаров и Македонија – една од најубавите приказни во квалификациите“

Медиа тимот на Европската ракометна федерација ги сумираше резултатите и впечатоците по одиграните натпревари од квалификациите за ЕП догодина.

Меѓу четири најзначајни моменти, покрај триумфот на Косово, спектакуларната победа на Холандија над Полска и одличната игра на Фарски Острови против Украина, има место и за новата приказна што ја пишува Кире Лазаров со нашата репрезентација.

„Кире Лазаров за првпат го вкуси тренерското искуство, кое беше навистина слатко. Како играч и тренер, легендарниот бек одлучи да мине повеќе време на теренот, па заедно со подмладената Македонија ја запишаа првата победа против актуелниот светски првак Данска со 33-29. Лазаров за вториот дуел се посвети само на тренерската задача, и може да се каже дека беше поинакво искуство. Гордоста на Данска беше повредена, па славеше со 37-21, оставајќи го Лазаров со многу теми за размислување пред последните две средби од квалификациите“, пишува ЕХФ.

Следен предизвик за Македонија и Лазаров ќе бидат квалификациските дуели со Финска на гости и Швајцарија на домашен терен.