Лазаров играше пред 16 години против Финска – постигна 24 погодоци на двата меча!

Машката репрезентација на Македонија вечерва го започнува квалификацискиот циклус за место на Европското првенство во 2022 година.

Прв ривал на избраниците на Данило Брестовац ќе биде селекцијата на Финска, со која досега се имаме сретнато два пати во квалификациите за СП 2005 година.

На првиот меч на домашен терен, Македонија славеше со плус шест, 36-30, додека на гостувањето во Турку едвај освои бод со погодок во последните секунди.

Единствен ракометар што играше на тие два меча е капитенот Кире Лазаров, кој и на првиот дуел во Скопје и на вториот во Турку даде по 12 погодоци.

Тогаш Македонија обезбеди место во баражот за СП 2005, а ги има сите предуслови и сега да стигне до пласман на ЕП 2022 година.

Меѓусебни натпревари на Македонија и Финска:

  • 21 јануари, 2004 – Македонија – Финска 36-30 (17-14)
  • 25 јануари, 2004 – Финска – Македонија 30-30 (13-13)