Лазаров задоволен: Се пласиравме во полуфинале, сега одиме да го освоиме ЕХФ шампионатот

Македонија си обезбеди полуфинале на ЕХФ шампионатот во Скопје, па сега може мирно да го очекува противникот кој ќе дојде после одигрувањето на натпреварот меѓу БиХ и Швајцарија. Победникот од овој дуел ќе биде ривал на Македонија утревечер.

Денешната победа од 30:25 против Полска значеше пласман во полуфиналето, па сите имаат причина да бидат задоволни бидејќи успеаја да се најдат меѓу најдобрите четири.

„Одигравме многу подобар натпревар отколку пред два дена против Грција. Успеавме да се избориме со притисокот што сами си го наметнавме и се пласиравме во посакуваното полуфинале. Сега одиме на тоа да го освоиме ЕХФ шампионатот“, рече Лазаров после дуелот против Полска.

Тој е задоволен од обезбедената победа, но не и од реализацијата на акциите бидејќи голем дел од нив не беа завршени како што беше планирано бидејќи одново имаше промашени зицери.

„Успеавме да реализираме голем дел од акциите, некаде 70-80 отсто од тоа што се договаравме. Имавме и на овој дуел доста нереализирани чисти ситуации. Навистина не знам на што се должи тоа, веројатно е психолошки момент. Ние навистина се обидуваме да ги ослободиме од притисок момците. Пред натпреварот им кажав дека и да загубиме, не е крај, дека ќе продолжиме напред, со главите горе. Ако сакаме да изградиме тим, мораме да бидеме и трпеливи, но и за нив е подобро ако тимот го градиме преку учества на светски и европски првенства“, коментираше после денешната победа против Полска, селекторот Кирил Лазаров.

Средбата утре според објавените термини би требало да се игра од 20 часот така што репрезентативците на Македонија ќе имаат доволно време за одмор и за подготовка за утрешната средба на која мора да се даде максимум.