Лазаров во август ќе има Мастер Коуч лиценца – Подготвен е за селектор!

Капитенот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров најверојатно има уште четири средби до крајот на играчката репрезентативна кариера, а потоа се очекува новата епизода во која ќе почне со тренерската работа.

Како што веќе на големо се зборува тој веќе против светскиот првак Данска во март би требало да има улога на помошник на Гино Стрезовски во националниот тим. Очекувањата се Лазаров да има ваква улога на средбите со Данска во март и потоа и против Финска и Швајцарија, а веќе од почетокот на следната сезона да се најде на селекторската функција така што би останал во репрезентацијата, но во поинаква улога.

За да може да биде селектор мора да има Мастер лиценца за тренер, а нему му недостига уште третиот модул така што наскоро би можел да дојде до потребното и да може да влезе во групата на македонски тренери со Мастер Коуч.

Тој го заврши вториот модул минатата година во Грција, па сега останува уште третиот и полагањето со што би добил можност да дојде до дипломата која ќе му овоможи да ја води репрезентацијата како и екипи кои се натпреваруваат на највисоко ниво односно во европските купови.

Досега Македонија има голем број на тренери со Мастер лиценца, а Лазаров ќе се најде во големото друштво во кое веќе се дел и од поранешните соиграчи во репрезентацијата Алушовски, Ангеловски, Јовиќ, Брестовац…