Куманово не дозволи изненадување, ги освои бодовите против Македонија ЃП

Екипата на Куманово во рамките од 6. коло во Првата машка лига на свој терен оствари победа против незгодната екипа на Македонија ЃП со 26:23. Со освоените бодови, Куманово моментално останува меѓу најдобрите четири екипи во Групата Б.

Куманово започна сигурно во нападите, водеше 5:3 на самиот старт. Ракометарите на Македонија ЃП на моменти имаа добра игра, но избраниците на Миодраг Јовановски го контролираа резултатот на терен. Домаќините зголемија на највисоки пет гола разлика, 13:8. Македонија ЃП со серија од два гола го намали водството на противникот, 14:12.

Кумановци првиот гол во второто полувреме го постигнаа по пет минути игра откако двете екипи имаа проблем да дојдат до реализација на почетокот од вториот дел. Гостинскиот тим од Ѓорче Петров со головите на Николовски, Стојановски и Велковски влезе повторно во добра серија и го израмни резултатот на 15:15.

Падот на играта на домашната екипа резултираше со водство на Македонија ЃП од 16:15. Домаќините предводени од Миладиновски кој постигна два гола во низа повторно се вратија на гол предност, 18:17, во 42. минута, иако останаа без Мартин Димовски, кој доби црвен картон поради три исклучувања. Подобрата игра во нападот и одбрана во екипата на Куманово се одрази врз самиот резултат. На дваесетина минути пред финишот, Куманово имаше водство од три разлика, 21:18.

Домашниот тим ја одржуваше стекнатата предност и заслужено се израдува на третата победа во Првата машка лига. Најефикасен ракометар во победничката екипа беше Андреј Миладиновски со девет гола. Во составот на Ѓорче Петров, Иван Никодиновски беше прв стрелец со шест гола.