Куманово немаше милост за Текстилец, победи со 22 гола разлика

Ракометарите на Куманово ја остварија осмата победа во рамките од новата сезона во Првата лига откако на домашен терен немаа никакви проблеми против Текстилец, триумфираа со убедлив резултат од 37:15.

По нерешениот резултат на стартот, 3:3, следуваа четири погодоци во низа на домаќините за највисока предност од 7:3. Тука беше скршен отпорот на гостите од Штип, кои до крајот на првото полувреме не успеаја да ја подобрат својата игра.

Домашниот тим предводен од Бошковски, Петковски и Цветковски, започна да го зголемува своето водство најавувајќи лесен триумф. Кумановци во последните десет минути од првиот дел имаа лесна задача и стигнаа до убедливо водство од плус десет на полувреме, 17:7.

Убедливото водство од десет разлика од првиот дел беше надополнето со три погодоци на домаќините во првите минути од второто полувреме, па така Куманово веќе водеше со 20:7. Ракометарите на Штип влегуваа од грешка во грешка, додека домаќините секоја грешка на Текстилец ја казнуваа со погодок.

Составот на Куманово во последните дваесетина минути покажаа доминација на терен и лесно стигна до новите бодови, со кои останува на 4. позиција на табелата во рамките од Групата Б.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Куманово, Андреј Миладиновски со осум погодоци. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Васе Петров со седум погодоци.