Кукучка го повика Чуприна на помош за домашното ЕП

Ракометарите на Словачка по првата фаза од подготовките, во текот на оваа недела ја стартуваа и втората фаза за настап на Европското првенство на кое се домаќини заедно со Унгарија.

Селекторот на Словачка, Петер Кукучка направи само една промена на скратениот список и се одлучи шанса да му даде на голманот Игор Чуприна, кој брани во рускиот суперлигаш Таганрог.

Чуприна не можеше да присуствува на првата фаза од подготовките бидејќи беше вакциниран само со Спутник, но според информациите од таборот на Словаците тој сега може да ги одработи тренинзите со своите репрезентативни колеги.

На втората фаза од подготовките ќе присуствуаат 21 играч, а пред самиот старт на континенталниот собир, Кукучка ќе се определи со кои голмани ќе настапи на Европското првенство. Во игра освен Игор Чуприна, ќе бидат и Теодор Пол од Ним, како и Маријан Жернович од унгарски Ференцварош.

Словаците на 6 и 8 јануари ќе одиграат пријателски натпревари против Австрија, репрезентација која исто така е учесник на Европското првенство.

Репрезентацијата на Словачка ќе биде домаќин на три групи од првата фаза на Европското првенство и ќе има можност за битка за пласман во вториот круг. Нејзини противници ќе бидат селекциите на Норвешка, Русија и Литванија во рамките од Групата Ф.