Кузманоски: Да ми понудеше некој 16 бода во јули, ќе ги прифатев без размислување

Екипата на Прилеп која беше една од трите екипи што вчера се бореа за пласман во плеј-офот загуби на домашен терен од 16:23 против Еурофарм Пелистер 2. На овој дуел имаше борба во првото полувреме, но потоа противникот наметна свој ритам во кој домашните забележаа пад.

И покрај тоа што загубија, тренерот на прилепчани, Горан Кузманоски е задоволен од она што го прикажаа на теренот бидејќи во составот главно има млади ракометари.

Тој на овие натпревари гледа од позитивен агол односно гледа од таа точка што се работи за млади ракометари кои допрва ќе се развиваат и допрва ќе треба да го покажат најдоброто.

Кузманоски верува дека може со овие момци да биде уште подобро, а смета дека овие натпревари ќе им бидат од голема корист бидејќи секое искуство од вакви средби ќе значи многу за  она што претстои односно битката за опстанок напролет.

„Ова ни беше трет натпревар по ред во неколку дена на кој момците имаа психолошки, емоционален и физички притисок. После 40 минути се виде еден мал пад, но се работи за млади ракометари. Од мое играчко искуство, сепак, тоа беше и очекувано бидејќи оние што беа на терен во првите шест повеќето имаат 17 години. Не можам да барам одговорност кај нив. Јас сум задоволен од храброста која ја имаат и која ја прикажаа на терен. Нормално постојано им кажувам дека треба да веруваат во себе, да работат за да можат да станат подобри играчи“, вели Кузманоски за 24 Ракомет.

Тој работи со овој тим околу шест месеци и вели дека е презадоволен од она што го покажаа во изминатиот турбулентен период, кој мина со многу прекини.

„Да ми кажеше некој на 20 јули кога почнав да работам со овој тим дека ќе имаме 16 бода во вака тешка група јас ќе прифатев со две раце. Загубивме многу и со заминувањето на Чурлевски, кој беше лидер во тимот. Со неговото заминување ние имавме млади деца во улога на лидери за кои тоа беше прво вакво искуство. Не барам алиби, но нас амбициите пред почетокот на сезоната не ни беа пласман во плеј-оф. Јас сум задоволен од она што го направивме“.

Според Кузмановски досега одработиле одлично во оваа сезона, а особено е задоволен од напредокот кој го покажуваат сите ракометари во екипата.

„За шест месеци работа јас сум задоволен од напредокот кој го имаат сите ракометари. Некој помалку, некој повеќе, но сите имаат напредок. Успеаја да го сфатат смисолот што значи играње во Супер лига и борба. Последните 3-4 кола сите зборуваа за Прилеп и за тоа дали ќе играме во плеј-офот или не, а ние воопшто и не бевме на почеток во план за играње во плеј-оф. Во конкуреција со нас имавме екипи кои се со поголем буџет и се далеку посилни. Според мое мислење, Еурофарм Пелистер заслужено се пласираше во плеј-офот“, коментираше за 24 Ракомет, тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски.

После овој натпревар момците добиваат пауза, а планот е на тренинзи да се вратат на 12 јануари. За пролетниот дел од сезоната екипата ќе биде и засилена и ќе добие на искуство така што ќе биде многу поконкурентна во плеј-аутот.