Кузмановски: Се надеваме дека ќе ја израдуваме Македонија

Машката репрезентација на Македонија ја одработува втората фаза на подготовките пред настапот на Светското првенство во Полска и Шведска.

Филип Кузмановски вели дека очекувањата се високи и посакува пласман во главната рунда на Мундијалот.

„Нашите очекувања секогаш се високи. Ние сме една млада екипа која ветува многу во иднина со три, можеби четири искусни играчи. Нѐ очекува СП во Полска и една тешка група, но ние сме максимално подготвени и нема да останеме на таа цел да имаме само континуитет настапи, туку сакаме и мислиме дека имаме квалитет да направиме резултат. Во група сме со Аргентина, Холандија и Норвешка, сите квалитетни селекции, ќе одиме чекор по чекор и мислам дека сме подготвени и ние и од страна на селекторот и стручниот штаб. Сега сме на средината на подготовките, не чекаат пријателски натпревари со Хрватска и со Израел, тоа ќе биде генерална проба, па ќе видиме што треба да поправиме. Имаме уште десет дена пред големо натпреварување, сите имаат очекувања од нас. Се надевам дека ќе ја израдуваме Македонија. Ги повикувам нашите навивачи, кои секогаш гордо не бодрат, повторно да бидат со нас. Претходното првенство беше можеби малку разочарувачки, но гледаме во иднината. Вчера имавме голем спектакл со играчи кои имаат остварено големи успеси, имаат одлични кариери и нашата цел е да ги достигнеме, а ако можеме и да го надминеме тоа што го направија за Македонија“, изјави Кузмановски.

Нашите ракометари ги очекуваат пријателски натпревари против Хрватска и Израел на „Кроација Куп“.

Македонија на СП е во група со Норвешка, Аргентина и Холандија, а првиот натпревар ќе биде на 13 јануари против Норвежаните.