Кузмановски: Подготвени сме и тактички и физички, но тоа не се виде со резултат

Двата порази на Македонија од Словенија и Црна Гора ги оставија репрезентативците без шанси за пласман понатаму така што утре ќе ја имаат последната средба на овој европски шампионат.

После вториот дуел против Црногорците репрезентативците се разочарани, а Филип Кузмановски пренесе како е после овие две средби.

„Се чувствувам уморно и разорано. После Словенија рековме дека имаме техники и треба да ги поправиме. Со доаѓањето на Кире имавме добри резултати освен овие на Европското првенство. Имаме проблем со повреди на играчи кои се многу важни за нас. Ги немаме Манасков и Маркоски, а Стоилов не можеше да игра бидејќи беше позитивен. На последниот тренинг се повреди и Лазаров. Имаме уште многу за поправање. Ние сме млада репрезентација без искусните и ќе оставиме времето да покаже што ќе се случува понатаму“, изјави Кузмановски.

Утре следува натпревар против селекцијата на Данска и на тој дуел дефинитивно се очекува да се одигра без притисок.

„Против Данска немаме што да загубиме. Работевме добро и тактички и физички. И против Словенија и Црна Гора бевме многу добро подготвени, но тоа не се виде со резултатот. Мора да изиграме добро, борбено… Пробуваме да играме нов систем и да не играме како на претходните првенства. Сакаме да играме брз ракомет со многу ротации и тоа веројатно носи до повеќе технички грешки. Сепак, треба да погледнеме и добро да анализираме“, коментираше Филип Кузмановски.

Средбата утре се игра од 20:30 часот, а Данска ќе биде голем фаворит. Сепак, на Македонија е да се обиде да одработи најдобро што може.