„Кузмановски е безобразен и мангуп, но дали е подготвен да биде лидер“

Со заминувањето на една одлична генерација од репрезентацијата на Македонија веќе е јасно дека ќе мора да се бара нов лидер.

Кирил Лазаров е веќе на залезот на играчката кариера и сега се очекува негов наследник на лидерското место.

Ова прашање се обиде да го одговори пивотот Александар Зарков, кој во интервју за 24 Ракомет говореше на повеќе теми. Тој споменува дека играч кој има лидерски способности е Кузмановски, но тој ќе мора тоа да го покаже и на теренот.

Сепак, според неговиот вкус во моментов најмногу за тоа место му одговара десното крило Ненад Костески. Во стружанецот гледа ракометар кој би можел да биде лидер на генерацијата која надоаѓа.

„Лидерот треба да биде комплетен играч. Тој треба да биде комплетен во смисол да игра добро и во одбрана и во напад. Јас бев лидер во Пелистер, но играв најдобро и бев најдобар и можев да имам авторитет кај играчите и можев и да свикам по нив. Ако не си најдобар не можеш ниту да бидеш лидер. Другите ќе речат: ‘Што ми зборуваш, па погледни се самиот како играш’. Не знам дали Кузмановски е подготвен. Тој е безобразен, но дали е подготвен за да биде лидер. Меѓутоа треба да даде и два гола од игра. За да се наметне како лидер тоа треба да го направи со игра, не со мангуплук или не знам… Јас типувам на десното крило Ненад Костески. Тој е добар играч. Без разлика што е крило, јас типувам на него. Од младите играчи тој ми е најприраснат на око, едноставно одговара на она што јас го сметам како играч кој може да преземе и лидерска улога на теренот. Добар играч е и зошто да не биде тој. Кај нас и Алушовски беше лидер. Исто беше добар играч и беше крило. Не е проблем на која позиција играш, важно е да си добар играч“, вели Зарков во интервјуто за 24 Ракомет.

Комплетното интервју со Зарков можете да го прочитате во продолжение.

ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЗАРКОВ: Дојде тивко, ја засака Битола и стана легенда