Кубанецот заминува од Битола, ќе тресе мрежи во Данска

Репрезентативецот на Куба, Реиние Табоада Дранкет, кој во оваа сезона дојде како големо засилување во екипата на Еурофарм Пелистер, во јуни ја напушта Битола и од следната сезона ќе настапува во една од најдобрите лиги во светот и ќе го носи дресот на амбициозниот тим Фредерициjа од Данска.

Табоада со екипата на Еурофарм Пелистер имаше потпишано договор на една сезона со опција за уште една, но втората нема да биде активирана. Со новиот клуб потпиша договор на две сезони.

Добрите настапи во дресот на тимот од Битола беа причина да добие одлична понуда од страна на раководството на Фредериција. Кубанецот кој може да игра како лев и среден бек имаше позитивни комплименти за новиот клуб.

„Данската лига е на високо ниво, каде што треба да се биде подготвен за секој натпревар. Фредериција е клуб кој напредуваше во последните сезони и мислам дека е добар проект за мене. Ќе се борам со тимот да се пласираме на европска сцена и да завршаме на врвот на табелата во домашниот шампионат“, вели Табоада.

Екипата на Фредериција моментално се наоѓа на 3. позиција во шампионатот на Данска.

Табоада во својата кариера настапуваше и за екипите на Данкерк од Франција и Аванка од Португалија.