Кристопанс: Бундес лигата е за индивидуалци – јас сум тимски играч!

Десниот бек Даинис Кристопанс беше еден од најдобрите играчи на Вардар, но си замина на полусезоната во Германија.

Таму играше за Фуксе Берлин, а од лето се сели во францускиот ПСЖ, каде повторно ќе соработува со Раул Гонзалес.

За летонскиот „Спортазинас“, Кристопанс вели дека Бундес лигата не е лига за него.

„Тимовите немаат толку многу време да се подготват за натпреварите. Тактиките не се толку длабоки и има минимална подготовка пред натпреварите. Има повеќе индивидуални потези. Бундеслигата е идеална за играчи кои се индивидуално добри, на кои не им треба добар тим, или кои сакаат да се докажат. Бундеслигата не е мое омилено првенство. Не сакам да ја навредам Германија, но јас сум навикнат на попаметен ракомет“, изјави Кристопанс.

Летонскиот репрезентативец освои една титула во Лигата на шампионите со Вардар и две во регионалната СЕХА лига.